Трговците со автомобили заминуваат во историја!
Според Боб Луц, навлегувањето на автономни автомобили целосно ќе ја промени индустријата
Производителите на автомобили во нивната сегашна форма, како и трговците и добавувачите на делови и опрема ќе исчезнат во следните 25 години. Ова е прогноза на некогаш првиот човек на General Motors и Ford, Боб Луц, сега аналитичар.
Идејата дека автономните автомобили целосно ќе ја променат автомобилската индустрија, Боб Луц ја пропагира уште од крајот на минатата година. Сега, тој сеуште е на истото мислење но дополнува дека овие автомобили ќе влијаат не само на производството, туку и на трговијата, брендирањето и дизајнот. Според Луц, луѓето ги очекуваат безлични автономни модули кои ќе бидат управувани од високи перформантни сензори и GPS системи.
„Во моментов живееме во историска фаза за автомобилскиот бизнис. За да автомобилот преживее на земјата и да продолжи да ја исполнува својата цел, тој мора да се развива. Ова одамна е јасно, но за жал, задоволството што денес го обезбедуваат автомобилите, ќе го снема. Кое е уживањето ако седите во автономен автомобил? Во исто време, сепак, овој тип патување ќе биде многу поефикасен“, вели Луц за Automotive News.
Според него, иднината на автомобилската индустрија ќе биде подредена на интересите на оние луѓе кои сакаат да работат, да спијат или на друг начин да се вклучат во активности, но да не возат автомобили. Ова исто така ќе им се допадне на родителите кои ќе ги испраќаат своите деца во градинка, училиште или спортски тренинг и нема да се одвојат од нивните важни задачи за тој ден.
„Таквиот развој на настаните ќе се покаже погубен за некои од главните играчи во автомобилската индустрија. На прво место, ќе исчезнат трговците и дилерите, бидејќи компаниите кои ќе обезбедуваат самоуправувачка мобилност ќе купуваат автомобили на големо. Марката на автомобилот веќе нема да има никаква улога“, објаснува Луц.
Тој е категоричен дека промената ќе доведе до исчезнување на автомобилските инженери и дизајнери. Луц, сепак, наведува дека луѓето не треба да паѓаат во депресија поради таквата перспектива, бидејќи ова е процес кој сепак ќе трае околу 25 години, а можеби и повеќе.