По презентацијата на освежениот модел Q5, сега доаѓа и неговата купе верзија

Audi ја претстави верзијата Sportback на ажурираниот кросовер модел Q5. Кросоверот се разликува само по изглед од стандардниот кросовер, а моторите и опремата се идентични.

Сепак има минимални разлики во дизајнот, а се огледуваат во благо променетата решетка на ладилникот и отворите за воздух, редизајнираните браници, како и новите фелни од лесна легура специјално за моделот. Должината на Q5 Sportback е зголемена за 7 mm (до 4.689 mm), но ширината и висината не се променети и остануваат 1.893, односно 1.662 mm.

Интересно, коефициентот на отпор на воздух е ист како и кај стандардната верзија – Сх 0,30.

Погледот во салонот го дава она што е видено и во стандардниот Q5. Станува збор за инфо-забавниот систем MMI со 10,1 инчен дисплеј на допир. Поради новата форма на каросеријата, багажниот простор кај новата верзија е намален од 550 на 510 литри.

Што се однесува до моторната гама, во САД ќе се продаваат 2.0-литарски бензинец (со 12V mild-hybrid технологија) и 265 КС, како и SQ5 Sportback со 3.0-литарски TFSI V6 мотор и 355 коњски сили.

Во Европа ќе се нуди 2.0-литарски TFSI со mild-hybrid технологија, потоа 2.0-литарски TDI mild-hybrid, како и 3.0-литарски V6 дизел mild-hybrid со 347 КС за верзијата SQ5 Sportback.

 Тука се и двете plug-in верзии со 4-цилиндерски бензински мотори – 50 TFSI e (299 КС) и 55 TFSI e (367 КС).

За ажурираниот Audi Q5 Sportback, обезбедени се два менувачи – 7-брзински роботизиран S tronic и автоматски со 8 степени на пренос.

Купе кросоверот во продажните салони пристигнува во првата половина од 2021 година.