Наскоро во Калифорнија ќе може да се побара такси кое ќе превезува патници чии судбина и живот ќе бидат исклучиво „во рацете“ на компјутер

Тестирањето на автономни или самовозечки автомобили со години повеќе или помалку поминаше без поголеми проблеми и тешкотии, но работите некако се променија изминатиот месец – прво возило на Uber управувано од компјутер удри и усмрти жена во Аризона, а потоа во сообраќајна несреќа загина и возачот во автомобил на Tesla контролиран од автопилотот.

По овие трагедии Uber најави прекин на тестирањата на автономни возила, а се интензивираа и дебатите во врска со безбедноста на овие возила и вината за несреќите. Заклучоците воглавно се дека сеуште не е време луѓето на патиштата да бидат заменети со компјутери.

Сепак тестирањата и понатамошниот развој на оваа технологија и понатаму ќе продолжи. Така, на пример, од WAYMO по трагедија на Uber коментираа дека нивниот автомобил подобро ќе реагирал и ќе се избегнела трагедијата, а компанијата го подготвува првиот официјален такси сервис со автономни автомобили.

Самовозечки автомобили за превоз на патници – дури и без возач, кој при тестирањата се наоѓа пред воланот подготвен да ја преземе контролата во случај на непредвидени ситуации (во случајот со Uber се покажа дека и тоа не е гаранција за спречување на несреќa), наскоро би можеле да се тестираат на патиштата во Калифорнија.

Имено, испратен е предлог за авторизација на пилот-програма за тестирање на овие автомобили кои ќе превезуваат патници – една верзија вклучува возач за безбедност, а втората верзија не.

Ова значи деја ако овој предлог биде одобрен, наскоро во Калифорнија ќе може да се резервира такси кој ќе превезува само патниците, додека зад воланот нема да има никој, па судбината и животот на патниците ќе биде исклучиво „во рацете“ на компјутер.

За да се добие дозволата за тестирање ќе биде потребно да се исполнат одредени барања – на пример, инсталирање на опрема за двонасочна комуникација, барања за безбедност со која би се спречиле сајбер-напади, а возилата ќе можат да се движат само по однапред одредени улици и под одредени услови.