Шлеперот може да помине скоро 483 километри со едно полнење

Откако пред повеќе од една година Toyota покажа шлепер на водород, сега компанијата повторно претставува сличен камион. Транспортерот е развиен заедно со американскиот производител на камиони Kenworth.

Од моделот T680, во пристаништето во Лос Анџелес се покажани  10 единици, како дел од проектот за намалување на емисиите на штетни гасови. Проектот, чие име е ZANZEFF, е потпомогнат од градското пристаниште, како и од Советот за воздушни ресурси во Калифорнија, кој инвестирал 41 милион долари.

Како и кај претходниот модел, во новиот камион се користени унапредени водородни ќелии од моделот Mirai со цел да се обезбеди автономија од скоро 483 км со едно полнење. Погонскиот агрегат на T680 генерира 670 КС и 1.864 Nm, што дозволува влечење на приколка со маса од нешто над 36 тони.

https://youtu.be/XehEd-PiQuo

Покрај новите шлепери, ќе бидат изградени уште две нови водородни станици за полнење. Тоа значи дека вкупниот број на такви станици во државата Калифорнија ќе порасне на 5, од кои секоја ќе биде во можност целосно да опслужи еден камион за околу 25 минути. Според соопштението од Toyota, во подоцнежна фаза со напредокот на технологијата, времето мoже да се намали на 15 минути.