По светската премиера на Toyota Corolla Sedan за 2019 година, која се одржа во Кина, јапонскиот производител ги објави првите технички детали и за европската верзија на овој автомобил

Дванаесеттата генерација на бестселерот на Toyota во Европа ќе се продава во три варијанти на каросерија – покрај лимузината, тука се и хечбекот со пет врати како и караванската верзија (последните две верзии се наследници од сегашниот Auris).

За првпат на европскиот пазар, Corolla Sedan ќе биде достапна и со хибриден погон. Станува збор за комбинација од бензин и електрична енергија која се состои од 1.8-литарски бензински мотор и електричен мотор со комбинирана моќност од 122 КС.

Фабрички декларираната просечна потрошувачка според новиот WLTP стандард е 4,3 l / 100 km, а емисиите на јаглерод диоксид 98 g/km.

Клиентите кои ќе се одлучат за модел со конвенционален мотор на располагање им е 1.6-литарски бензински мотор од 132 КС, кој (исто така според мерниот циклус WLTP) троши во просек 6,1 l / 100 km и испушта 139 g/km CO2.

Новата генерација Corolla Sedan е поставена на новата TNGA GA-C механичка платформа и се карактеризира со помала тежина во споредба со претходната верзија. Со подобрено потпирање на возилото (multi-link сега е стандард за сите верзии), Toyota тврди дека Corolla е поуправлива и постабилна во возењето, без компромис кога е во прашање удобноста на патниците.

Меѓуоскиното растојание е 2.700 mm.

Лимузинската верзија на новата Corolla за европскиот пазар ќе се склопува во Турција, а во продажните салони ќе пристигне во првиот квартал од 2019 година.