Во првиот квартал од 2021 година, Tesla испорачала 184.800 возила

Производителот на електрични автомобили Tesla официјално објави дека во првиот квартал од 2021 година испорачал вкупно 184.800 возила и произвел 180.338 автомобили.

Аналитичарите, според податоците собрани од компанијата за финансиска анализа, предвидуваа дека Tesla ќе испорача околу 168.000 возила во овој период, при што проценките се движеа од 145.000 до 188.000 единици, пренесува CNBC.

Бројот на испорачани возила го надминува претходниот рекорд на Tesla од 180.570 единици, запишан во четвртиот квартал од 2020 година.

Сите електрични возила произведени во првите три месеци од 2021 година биле од седанот Model 3 и кросоверот Model Y. Интересно е што во овој период не е произведена ниту една единица Model и Model X, кои се поскапи возила во гамата на оваа компанија.

Сепак, и во овој период се испорачани 2.020 возила од Model S и Model X, но од залиха, што е само еден процент од вкупниот број продадени автомобили.

Tesla во изјавата наведува дека со „новата опрема инсталирана и тестирана во првиот квартал“, компанијата сега е „во рана фаза на зголемување на производството“ за ажурираните верзии на моделите S и X.