Tesla привремено го запира производството во Германија и Кина
Производството во фабриките на Tesla во Берлин и Шангај ќе биде прекинато во текот на следниот период, а причината, како што се наведува, е подобрување на производните процеси. Сепак, американската компанија има и разни други проблеми, а еден од нив е фактот дека продажбата во вториот квартал од оваа година била разочарувачка
По најавите за отпуштање на работниците на Tesla, сега работната сила во Германија и Кина ќе мора да оди и на принуден годишен одмор.
Се очекува фабриките во Берлин и Шангај неколку недели да не работат, а причината, како што се наведува, е подобрување на производните процеси. Американскиот производител на електрични автомобили најпрво ги запре производните линии за Model Y во Шангај за првите две недели од јули. Производството на Model 3 во Кина ќе биде стопирано на 18 јули за период од 20 дена. За време на оваа пауза се очекува подобрување на производствениот процес за да може што поголем број автомобили да се симнуваат од фабричките линии, а нормализацијата на производството во Шангај се очекува во текот на август.
Сепак, работата на фабриката во Кина годинава нема да ги исполни очекувањата, бидејќи производните линии беа стопирани и во текот на пролетта кога беше воведен полициски час во Шангај поради зголемениот број заразени со коронавирус.
Што се однесува до Германија, гигафабриката во близина на Берлин ќе престане да работи на 11 јули на две недели. Германските медиуми јавуваат дека Tesla сака да го удвои производствениот капацитет во овој објект почнувајќи од август. Според одредени информации, ова затворање било планирано со месеци наназад. Магазинот „Bild“ објави дека ремонтот на фабриката ќе се фокусира на тоа каросериите на автомобилите да поминуваат само 30 секунди на секоја производна станица, наместо приближно 3 минути колку што сега ги поминуваат во секоја фаза.
Tesla соопшти дека планира да произведува 500.000 автомобили годишно во германската фабрика, но досега производството достигна само 1.000 единици неделно, што е десетина од оригиналниот план. Засега не се знае кој дел од 4.500 работници ќе заминат на одмор, а колку од нив ќе останат да го реорганизираат производството.
Илон Маск, извршниот директор на Tesla, неодамна објави дека новите фабрики во Германија и Тексас губат милијарди долари бидејќи трошоците се високи, а резултатите се лоши. Сепак, јуни беше најдобриот месец за Tesla во однос на производството, со оглед на тоа дека од фабричките ленти се симнати 254.695 автомобили.