Tesla од 25.000 долари за 3 години?!
Првиот човек на Tesla, Илон Маск, тврди дека неговата компанија би можела да изгради електричен автомобил во рок од три години, чија цена нема да изнесува повеќе од 25.000 долари
Маск истакнува дека изградбата на таков автомобил бара компанијата да достигне одреден број на технички подобрувања во наредните години, но исто така и радикално да го подобри својот финансиски обем.
Првиот човек на Tesla за потенцијалниот модел кој би бил класа под Model 3 за прв пат зборуваше во јуни, тврдејќи дека компанијата би можела да лансира компактен модел во следните пет години.
Сепак, експертите велат дека пореална ситуација е дека таков автомобил ќе пристигне дури во средината на следната деценија, ако воопшто пристигне. Главниот аргумент за ова е токму Tesla, Model 3 го презентираше пред две и пол години, тврдејќи дека почетната цена ќе изнесува 35.000 долари. Сепак, овој влезен модел се уште не е на располагање односно Model 3 неможе да се купи за помалку од 50.000 долари и тоа нема да се промени во блиска иднина.
Токму затоа изградбата на автомобил на Tesla во вредност од 25.000 долари звучи како научна фантастика.
Пред неколку месеци, група германски инженери пресметаа дека производството на Tesla Model 3 чини околу 28.000 долари, од кои околу 10.000 се трошоци за производство и работна сила, а останатите за материјали.
Ако Tesla планира модел од 25.000 долари од кој ќе може да профитира, ќе мора да ги намали трошоците за производство на помалку од 20.000 долари.
Без оглед на фактот дека таквиот електричен автомобил е сѐ уште фикција, мора да се почитува посветеноста на Маск да произведе EV возило со прифатлива цена за широките маси.