Покрај својата примарна улога – осветлување на патот пред возилото, Digital Light фаровите се во можност на патот да проектираат различни симболи кои го информираат или предупредуваат возачот со цел возењето да го направи што побезбедно

Новата технологија на Mercedes, наречена Digital Light, претставена е на еден од најпрестижните модели на германскиот производител – Maybach S-Class.

Системот, кој содржи некои од функциите на класичниот head-up екран, користи сет на високо-квалитетни LED извори на светлина, кои се во состојба прецизно да исцртаат предефинирани симболи на асфалтот за време на возењето, но, исто така, и да „испишат“ одредени пораки.

Од Mercedes велат дека оваа технологија е дизајнирана за дополнително предупредување на возачот на некоја опасност на патот за која можеби не е свесен или, на пример, да го информира за важен сообраќаен знак кој тој не успеал да го види.

Системот, покрај LED светилки, е составен и од камери и сензори кои се одговорни за откривање на потенцијалните ризици во сообраќајот.

Германскиот производител вели дека технологијата Digital Light може да му помогне на возачот во навигација така што, на пример, пред моментот кога треба да ја смени насоката, на асфалтот ќе се проектира стрелка за правец на движење.

Покрај тоа, таа може да го предупреди возачот дека неговиот автомобил се наоѓа на дел од патот каде што постои ризик од голомразица и лизгање, но исто така и да го предупреди дека на патот пред него во тек се работни зафати.

Исто така, ќе го извести за промена на брзината на делот по кој вози, а со помош на сензори и систем од камери може да детектира пешаци на патот во услови на слаба видливост, да ги осветли со фаровите и да проектира на асфалтот стрелка која покажува каде е точно пешакот.

Во случај пред предниот дел на возилото да се најде запрен автомобил, системот ќе проектира броеви кои ќе го прикажуваат растојанието до него.