Извршниот директор на BMW, Оливер Ципсe верува дека наскоро ќе дојде крајот на долгогодишната доминација на Tesla во EV сегментот

Американскиот производител на електрични автомобили претходната година продал скоро половина милион автомобили, што е за 36% подобро отколку во 2019 година. Таквите податоци се уште поимпресивни кога ќе се согледа глобалната состојба на пазарот на нови возила во времето на пандемијата на вирусот корона.

„Tesla нема да може да продолжи со крупен чекор напред“, изјави неодамна Оливер Ципсе, додавајќи дека и традиционалните автомобилски брендови ги подготвуваат своите EV модели, а конкуренцијата и напредокот на другите е она што ќе го забави напредокот на Tesla.

Не толку често некој од врвните раководители во автомобилската индустрија зборуваат толку отворено за плановите за успех или конкуренцијата. Евидентно е дека Ципсе има доверба во големиот број EV модели кои ги подготвува BMW и е убеден дека на Tesla нема да и биде лесно да се справи со се поголемата и сериозна конкуренција.

Во крајна линија, групацијата VW веќе може да ја надмине Tesla по бројот на продадени електрични автомобили оваа година. Во текот на 2021 година ќе започне продажбата на неколку EV новини од групацијата Volkswagen, како што се: Q4 e-Tron, Škoda Enyaq iV, Cupra El-Born и Volkswagen ID.4.

Од друга страна, Tesla планира да испорача околу 750.000 возила оваа година, што е голема бројка кога станува збор за електричниот сегмент нa четири тркала. Треба да се види како германските производители ќе одговорат на тоа, бидејќи и BMW и Mercedes планираат да претстават голем број нови EV модели годинава.

Минатата година најпопуларен електричен автомобил во Европа беше Renault Zoe со испорачани скоро 100.000 примероци, додека на второ место беше Tesla Model 3 со повеќе од 85.000 регистрации. На трето место беше VW ID.3, кој стигна до повеќе од 54.000 сопственици на Стариот континент, но во продажба беше само четири месеци.

Оваа година очигледно ќе биде година на забрзана електрификација во Европа кога е во прашање EV сегментот, споредено со минатите години. Тука е и групата Renault, која странските новинари честопати ја занемаруваат во ваквите анализи. Не треба да се заборави дека Zoe доминира со продажните листи со години, а сега тука е и електричното издание на Twingo. Покрај тоа, пристигнува многу ефтината Dacia оваа пролет, која има потенцијал да биде апсолутен хит на Стариот континент.

Далеку од тоа дека Tesla ќе остане без адути. Освен што од аспект на технологија тие очигледно се пред своите ривали, фабрикаата на оваа компанија близу Берлин треба да започне со работа годинава, од каде ќе пристигнат моделите Model Y и Model 3 за европските клиенти.