Tesla стана највредниот производител на автомобили во светот, надминувајќи ја Toyota, по вчерашниот рекорден скок на акциите

Акциите на производителот на електрични автомобили од САД во средата наутро достигнаа вредност од 1.134 американски долари (во текот на денот цената сепак отиде надолу), со што пазарната вредност на компанијата достигна 209,47 милијарди американски долари, што е приближно 4 милијарди долари повеќе од тековната капитализација на Toyota, пренесува BBC.

Сепак, Toyota се уште е „број еден“ во светот во однос на продажбата, со оглед на тоа што минатата година продала околу 30 пати повеќе автомобили и има повеќе од 10 пати повеќе приходи од својот американски ривал. Јапонската компанија продала 10,46 милиони возила во текот на деловната година, која заврши во март, и остварила приход од 30,2 трилиони јени (281,20 милијарди долари). Tesla ја заврши 2019 година со продажба од  само 24,6 милијарди долари, испорачувајќи 367.200 возила, пренесува британскиот јавен сервис.

Сепак, инвеститорите се оптимисти во врска со потенцијалот на американската компанија и очигледно веруваат дека таа би можело во иднина да доминира на пазарот на електрични автомобили. Компанијата од Калифорнија минатата година забележа три профитабилни квартали по ред и го задржа тој интензитет во текот на првите три месеци од 2020 година, и покрај епидемијата на коронавирусот. Сопственикот на Tesla, Елон Муск, изјави дека до клиентите оваа година ќе достави 500.000 возила.

Интересно е и тоа што вредноста на Tesla сега е околу три пати поголема од вредноста на американските конкуренти, General Motors и Ford.