Поради корона вирусот Tesla воведува бесплатно полнење на автомобилите

Епидемијата на корона вирусот го попречи секојдневието во некои кинески градови, но затоа Tesla, на изненадување на многумина, не ги заборави своите клиенти.

Епидемиолошката состојба станува се посериозна откако се заразени 4500 луѓе, а над 100 веќе се починати. Кризата влијае и на здравите граѓани затоа што тие се принудени да ги користат своите автомобили поради стопирање на градскиот сообраќај.

Тоа е причината што луѓето мора да се снаоѓаат како знаат за да можат безбедно да стигнат до нивната дестинација. Затоа во Tesla одлучиле да им обезбедат на возачите бесплатно полнење на батеријата за сите возила, вклучувајќи ги и Model 3, Model S и Model X, пренесува изданието Car Buzz.

Веста на социјалните медиуми ја соопшти еден од сопствениците на Tesla во Кина. Во текстот се вели дека Кинезите ќе можат бесплатно да го полнат своето возило Tesla се додека трае епидемијата на корона вирусот.

„Се надеваме дека за време на критичниот период ќе можете да ја полните батеријата на автомобилот и да ја користите без проблеми. Кога ќе помине епидемијата, ќе ве известиме за какви било промени”, велат од компанијата.

Хуманиот чин на американскиот производител на електрични автомобили сигурно ќе им значи многу на некои луѓе кои се принудени да живеат во вонредни услови како резултат на избувнување на епидмијата. Нивното движење е ограничено и сите се соочуваат со огромни здравствени ризици.

Ова не е прв пат  Tesla да помага на заедницата. Минатата година компанијата обезбеди бесплатно надополнување на батеријата на сопствениците на автомобили во Флорида кои тогаш се соочија со ураганот Доријан. Во 2018 година беше донесена истата одлука со цел луѓето да можат да ја напуштат Северна и Јужна Каролина пред налетот на ураганот Флоренс.