Tesla Inc и Илон Маск како поединец, ќе платат по 20 милиони долари казна. Тоа е резултатот на спогодбата постигната помеѓу осомничените и американската Комисија за хартии од вредност (SEC).

Покрај тоа, Маск ќе ја задржи позицијата на извршен директор, но во рок од 45 дена ќе треба да се повлече од функцијата претседател на компанијата.

Осудените лица се најдоа под удар на истрага откако Илон Маск на својот Twitter профил ги објави плановите за повлекување на акциите на компанијата од берзата, односно плановите на делистирање, што по наод на Комисијата ги довело во заблуда акционерите и заинтересираната јавност.

Инцидентот е дополнително зајакнат со неодамнешните изјави на контроверзниот Маск во кои тој покажа јавно неприфатливо однесување, со консумација на дрога и алкохол.

Дел од спогодбата предвидува дека компанијата Tesla има обврска да ангажира независна личност на позицијата претседател. Покрај тоа, во раководните структури ќе се најдат и двајца независни директори, а внатрешната контрола на делувањето на Маск ќе биде построга.

„Сметаме дека ова е одлично брзо решение согласно со интересите на пазарот и инвеститорите, особено акционерите на Tesla“, вели претседателот на Комисијата за хартии од вредност.

Како резултат на серија на несреќни настани, пазарната вредност (капитализација) на компанијата Tesla падна на (и понатаму астрономски) 45,2 милијарди долари, или за 7 милијарди долари помалку отколку што беше пред четвртокот. На овој начин, General Motors ja престигна компанијата Tesla по вредноста на капиталот на берза, бидејќи неговата пазарна капитализација е на ниво од 47,5 милијарди долари.

Двоецот Маск – Tesla не се расположени за коментари, но аналитичарите проценуваат дека Tesla и Маск всушност и добро поминале.