Tesla ги објави цените за Model Y
Кросоверот доаѓа со три нивоа на опрема
Американскиот производител на електрични автомобили Tesla официјално ги објави цените за вториот кросовер во својата гама на модели, Model Y, како и времето за негово лансирање на пазарот. Моделот ќе доаѓа со три нивоа на опрема, а продажба ќе започне во есен 2020-та година.
Базната верзија со најниско ниво на опрема наречена Standard Range, на пазарот доаѓа последна, дури во пролетта 2021 година. Оваа варијанта ќе биде со погон на задните тркала, со забрзување од 0 до 100 km/h за 5,9 секунди и максимална брзина од 193 km/h. Автономијата ќе биде 370 километри, а цената ќе биде 39.000 американски долари.
Следна во линијата е верзијата Long Range, која прва ќе се појави на пазарот и ќе чини 48.000 долари. Автономијата со едно полнење на батеријата треба да биде до 480 километри, забрзувањето од 0 до 100 km/h за 5,5 секунди и максимална брзина од 210 km/h.
Врв на понудата ќе биде Performance изведбата која ќе се продава за 61.000 долари. Во овој случај, автономијата е помала – 450 километри, но забрзувањето од 0 до 100 km/h е само 3,5 секунди, а максималната брзина ќе биде 240 km/h.
Моделот Y ќе биде првото електрично возило на марката кое ќе се произведува во новата фабрика во Берлин (Германија), со капацитет до 500.000 единици годишно. Во исто време, ќе се произведува и во фабриката во Фримонт, Калифорнија.
За дополнителен надомест, кросоверот може да биде опремен со 7 места за патници. Сите главни асистенти и системи за безбедност кои ги нуди Tesla, ќе бидат вклучени уште во основната Standard Rаnge верзија.