Audi ја претстави новата генерација на големиот спортски караван

Во годината кога Audi ја слави 25-годишнината од лансирањето на својот прв RS модел, дебитира најновиот RS6 Avant со впечатливо агресивен надворешен дизајн и моќна „ергела“ под хаубата.

Автомобилот дури и во мирување јасно укажува дека станува збор за караван со врвни спортски перформанси. Од големите отвори за воздух на предниот дел на возилото до двојниот издув и масивниот дифузер во задниот дел.

За погон е избран 4.0 twin-turbo V8 со 600 КС (441 kW) и 800 Nm максимален вртежен момент, со кој овој автомобил е најмоќниот RS6 Avant досега (во основната верзија, без дополнителни пакети за надградба). Моќноста на сите тркала се пренесува преку 8-брзински Tiptronic автоматик и quattro системот, со што RS6 Avant за 2020 година до стотка стигнува за само 3,6 секунди!

Брзината фабрички е ограничена на 250 km/h, но границата може да се подигне до 280 km/h ако се нарача опционален Dynamic пакет, па дури и на 305 km/h со опционалниот пакет Dynamic Plus. Според Audi, oвие два пакета, покрај поголема максимална брзина, донесуваат и подобри возни карактеристики.

RS6 Avant 2020 за прв пат има стандардна прилагодлива воздушна суспензија. Системот за суспензија веќе во старт е за 20 mm понизок од обичниот А6 Avant, a при брзина поголема од 120 km/h автомобилот се спушта за уште 10 mm.

Од друга страна, прилагодливата суспензија и овозможува на каросеријата да се подигне за 20 mm при мала брзина, што е корисно при возење низ град и поминување на таканаречените „легнати полицајци“.

Новиот RS6 Avant има багажен простор од 565 литри што може да се прошири до максимум 1.680 литри со соборување на задните седишта.

Во патничкиот простор се наоѓа најновата верзија на „виртуелниот“ кокпит на Audi, кој вклучува MMI мултимедија со екран на допир, како и head-up дисплеј. Во моделот RS6 Avant, овој систем има специјални додатоци специфични за автомобилите RS, како што се мерачот за G-силата, мерачот на температурата и притисокот во внатрешноста на погонскиот систем или специјалниот графички дисплеј.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

Audi RS6 Avant за 2020 година своето деби пред публиката ќе го има на претстојниот саем за автомобили во септември во Франкфурт, а во европските салони доаѓа на почетокот од следната година. Цената сè уште не е објавена.