На специјално организиран настан во Њу Делхи, Kia официјално го претстави својот нов глобален SUV модел

По неколку најавни фотографии, Kia Seltos и официјално е промовиран на светската јавност. Во продажба ќе влезе до крајот на годината. Овој мал SUV стилски е базиран на концептот SP и има малку поагресивен дизајн од моменталната гама на модели на корејскиот производител.

Напред доминира маската на ладилникот, на која се надоврзуваат тесните LED фарови. Клиентите ќе можат да избираат фелни со дијаметар од 16, 17 или 18 инчи.

Фотографии од просторот за возачот и патниците засега нема, но од Kia велат дека на централната позиција на командната табла ќе доминира мултимедијален екран од 10,25 инчи. Меѓу опциите се и амбиентално осветлување, 8-инчен head-up дисплеј, премиум Bose аудио систем …

Што се однесува до управувањето, возачот ќе може да избира еден од трите предефинирани режими на возење: Normal, Eco и Sport.

Моторната понуда се состои од два бензински и еден дизел мотор. Послабиот 2.0-литарски атмосферски бензинец произведува 150 КС (110 kW), додека 1.6-литарскиот турбо бензинец ќе испорачува 177 КС (130 kW).

Единствената дизел опција за сега е 1.6-литарски мотор со 136 КС (100 kW). Моќта на тркалата се пренесува преку 6-брзински мануелен менувач, 7-степен автоматик или CVT.

Не се познати ниту димензиите на возилото, како и останатите спецификации. Seltos ќе се произведува во Индија и Кореја.