Од стартот на продажбата во понуда се бензински и дизел мотори, а доаѓаат и mild и plug-in хибриди, како и електрична верзија

BMW денеска официјално го претстави целосно новиот компактен SUV модел X1. Третата, целосно нова генерација на пазарот ќе се натпреварува со модели како Audi Q3 и Mercedes GLA, а иако е сè уште компактна, како што се очекуваше, сепак пораснала во сите правци.

Сè е ново, и однатре и однадвор, со милд хибридни бензинци и дизели, и plug-in хибриди под хаубата, а тука е и целосно новата електрична варијанта.

Досега од моделот се продадени 13 милиони единици за 13 години од појавата на пазарот, што го прави најпродаваниот SUV на BMW на Стариот континент.

Во споредба со генерацијата во заминување, новиот BMW X1 сега има и подолго меѓуоскино растојание покрај малку поголемите надворешни димензии.

Нема изненадувања во поглед на дизајнот: новиот X1 добил класичен стајлинг со рамни двојни LED фарови во форма на буквата „C“, а помеѓу е големата решетка на ладилникот во форма на „бубрези“. Назад има светла со актуелната графика на новите модели на BMW со главно светло во форма на буквата L. Самиот дизајн е стилски поагресивен од неговиот претходник, странично автомобилот изгледа поиздолжен, а покривот се спушта кон задниот дел и преоѓа во еден вид спојлер.

Внатрешноста на новиот X1 го следи стилот што веќе е виден со новата Серија 2 Active Tourer. Тука е сега добро познатиот заоблен дисплеј со оперативен систем 8, кој во едниот блок вклучува 10,7-инчен инфозабавен дисплеј и 10,25-инчен дисплеј за дигиталната инструмент табла. Компатибилен е и со Apple CarPlay и Android Auto.

Новиот X1 доаѓа со голем број на асистенти при возење, како на пример предупредување за судир и помош за паркирање одзади, помош при возење наназад… Се разбира, тука се и приспособливиот темпомат со функцијата Stop & Go, одржување на сообраќајната лента, head-up дисплеј, Surround View систем…

Под заоблениот екран се наоѓа тенок отвор за клима уредот, додека држачите за чаши и неизбежното индукциско полнење се наоѓаат уште пониско во централниот тунел. Централната конзола е минималистичка, сега со многу мал „лост“ за менувачот и мени за режимите на возење.

Благодарение на поголемите димензии во однос на претходната генерација, зголемен е капацитетот на багажникот: 540 литри во основната конфигурација, што е за 35 литри повеќе од претходно или 1.600 литри кога се преклопени задните седишта (+50 литри во однос на претходниот модел).

Опсегот на мотори на новиот X1 е многу широк, иако во почетокот доаѓаат само 1.5-литарски бензинец од 156 КС и 239 Nm (sDrive18i) и 2.0-литарски бензинец од 218 КС и 320 Nm (xDrive23i) на стартот.

Дизел верзиите се придвижувани од 2.0-литарски турбо 4-цилиндерски мотор со 150 КС и 360 Nm кај моделот sDrive18d и со 211 КС и 400 Nm кај моделот xDrive23d.

Во двата случаи, стандарден менувач е 7-брзински Steptronic со две спојки. Послабите верзии доаѓаат со погон на предните тркала, додека помоќните со погон на сите четири тркала (xDrive).

Електричниот BMW iX1 xDrive30 е првиот BMW со погон на сите тркала во премиум компактниот SUV сегмент. Се придвижува од пар електрични мотори кои заедно испорачуваат 313 КС и 494 Nm вртежен момент. Овие бројки му овозможуваат да достигне брзина до 100 km/h за 5,7 секунди и максимална брзина од 180 km/h.

Батеријата од 64,7 kWh е поставена на подот и поддржува брзо DC полнење до 130 kW, што значи дека може да се наполни од 10 до 80 проценти за 29 минути, а досегот од 120 километри може да се додаде за само 10 минути. Исто така, нуди еднофазно и трифазно полнење со наизменична струја до 11 kW што може да се зголеми до 22 kW. BMW iX1 xDrive30 има комбинирана потрошувачка на енергија од 17,3 -18,4 kWh на 100 km, што резултира со опсег од 413 km до 438 km.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”11WCOk2S7p_tvrBRHUarEpJ5CiofJaeA3″ maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Двете plug-in хибридни варијанти наречени X1 xDrive25e и X1 xDrive30e, како и двете дополнителни 48V благи хибридни верзии, како и електричниот iX1 ќе пристигнат веднаш по лансирањето оваа есен.