По неколку тизери и информации кои повремено ги објавуваше на интернет, Volkswagen официјално го претстави духовниот наследник на култното комбе T1 „Bulli“, кое се произведуваше од 1949 до 1967 година

Зборот „buzz“ на англиски јазик е глагол кој опишува „зуење“ што е навистина карактеристика на електричните автомобили, но исто така е алузија на друг познат збор „bus“, а ќе се потсетиме, се користи за опишување на оригиналните модели на Volkswagen T1 и T2, од класата минибус со мотор вграден во задниот дел на возилото. Новиот електричен адут на германскиот концерн го наследил тој стилски израз со особениот преден дел, карактеристичната линија на прозорските прагови и двобојната шема на нијанси, што е дел од листата на достапни опции.

Сепак, самата поставка на возилото е целосно во согласност со модерната ера. Предните седишта повеќе не се поставени директно над предната оска, како што беше претходно, туку се поместени повеќе наназад, што може да се смета за сериозно движење кон подобра тракција на патот.

Во исто време, тоа е причината што повеќе нема само два столба, гледано од страна, туку има четири пред возачот. Добро е што конструкторот вели дека се погрижил да не се наруши видливоста. Многу се постигнало и на полето на аеродинамиката, па така отпорот на воздухот го одразува извонредниот коефициент од 0,285 (0,29 за Cargo верзијата), што е феноменален резултат во оваа класа на автомобили.

Патничката верзија на Volkswagen ID. Buzz е претставена само во варијанта со стандардно меѓуоскино растојание од 2.988 mm. Ова е речиси идентично со моделот Caravelle од серијата T6.1 (3.000 mm), иако новата серија T7 Multivan ги нуди 3.124 mm помеѓу предната и задната оска.

Новитетот е широк 1.985 mm, додека висината е на ниво од 1.937 mm. Можно е да се изберат тркала кои ќе интегрираат бандажи со дијаметар помеѓу 18 и 21 инчи. Багажниот простор во конфигурација со пет лица е 1121 литри, а со преклопување на задната клупа (која може да поместува за 150 mm) и до 2.205 литри.

Buzz иницијално во Европа ќе се нуди со конфигурација од пет седишта (два реда). Од VW велат дека конфигурацијата со шест седишта (три реда по две седишта) на стандардното меѓуоскино растојание е планирана да се појави подоцна. Верзијата со продолжено меѓуоскино растојание во Европа доаѓа следната година и ќе се нуди како седмосед, со конфигурација 2/3/2. Варијантата Cargo ќе се нуди или со возачко седиште и патничка клупа напред за двајца или со две индивидуални седишта.

Предниот панел е направен во ист стил како што е веќе виден кај другите членови на семејството Volkswagen со ознака ID. Тоа практично значи дека имаме екрани и сензори и најмал можен број физички прекинувачи. Поставките на мултимедијалниот систем се читаат преку 12-инчен екран, а се нуди и можност за безжично освежување на софтверот, како и поддршка за протоколот за комуникација со други возила и инфраструктура (Car2X).

За тапацирот на седиштата монтирани во кабината користени се само вештачки добиени материјали, а тука се мисли и на оној направен со рециклирање на пластични шишиња. Кожа овде нема да најдете!

Списокот на опции не е мал. Вклучено е амбиентално осветлување со 30 нијанси, а има и седишта кои се контролираат со помош на струја. Најавено е дури и чистач за мраз, отворач за шишиња… Дел од опремата се однесува и на автономниот систем за сопирање во случај на опасност, како и на системот за одржување на правецот во сообраќајната лента. Прилагодливиот темпомат не е на списокот со сериска опрема, но тука е ако сакате со доплата…

Иницијално VW ID.Buzz ќе се нуди во изведба само со еден електромотор кој ги придвижува тркалата на краевите на задната оска и испорачува 204 КС и 310 Nm вртежен момент. Засега е најавена само една батерија и тоа со капацитет од 82 kWh (нето 77 kWh) Достапна е опција за апсорпција на енергија од 11 kW (AC), но исто така е можно закачување на супербрзите полначи до 170 kW (до 80% капацитет на батеријата за 30 минути). Дополнително, германското комбе ќе може да емитува струја до надворешни потрошувачи. Досегот со едно полнење на батеријата е околу 400 до 450 километри, додека декларираната максимална брзина е повеќе од доволна за класата на возила на која припаѓа, а според сегашните ограничувања во оваа област изнесува 145 km/h.

Покрај патничката верзија на миниванот, германската марка го претстави и карго моделот ID. Buzz Cargo. Се карактеризира со исти димензии како оние на патничкиот близнак, освен што товарниот простор има волумен од 3,9 кубни метри или две евро палети товар (носивост 650 kg). Овде вреди да се спомене дека кабината може да се направи тројна со доплата. 

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1Qex2_jOHinkeb4UZmZ6wG_uA1i8r1H1m” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Volkswagen ID. Buzz ќе се составува фабриката во Хановер, каде што веќе се составуваат конвенционалните возила на групацијата, кои служат во бизнис секторот. Производството започнува уште во првата половина од оваа година, додека почетокот на продажбата на Стариот континент е најавено за есента.

Проценетата цена ќе се движи од 55 илјади евра па нагоре, колку што ќе биде потребно за патничката верзија, додека сопствениците на модификацијата Cargo ќе треба да платат најмалку 48 илјади евра. Производителот има големи надежи и за пласман на возила на северноамериканскиот пазар, бидејќи сите прогнози говорат во насока на многу силна побарувачка за ова комбе на таа територија.

https://youtu.be/uhn__P8w378