На автопатот Ниш-Белград и обратно ќе се поставуваат камери за мерење на брзината

Колку камери ќе бидат поставени и како ќе се мери брзината на автомобилите? Прашање за кое деновиве се бара одговор во медиумите во соседна Србија.

Како што се пишува, наскоро нема да има милост за возачите кои милуваат да нагазат на педалата за гас. На патиштата во Србија веќе се мери просечната брзина, но наскоро се планира и поставување на 56 камери на автопатот Белград-Ниш. Ќе се постават 14 портали од Белград до Ниш – од една страна и од друга страна, а тоа е отприлика по еден на секои 15 километри. Двете камери на секој портал, по една за секој правец, ќе снимаат брзини и до 250 km/h.

Како тоа ќе функционира? Во западните земји ваков тип на камери ве фотографираат, а казната стигнува на вашата домашна адреса во која било земја. Како тоа ќе функционира во Србија?

„Камерите ќе го снимаат времето, кога автомобилот поминал на еден, а кога на друг портал. Софтверот ја пресметува просечната брзина врз основа на времето и тоа се уфрлува во централниот софтвер, од каде што ќе се испраќа на полицијата, а полицијата тоа ќе го санкционира. Ние до нив, а тие на домашна адреса. Сега всушност просечната брзина ќе се мери на пократка делница што се воведува за возачот да не може да застане на бензинска пумпа и со тоа да ја намали просечната измерена брзина“, вели Зоран Дробњак, директор на Патишта Србија.

Возачи внимавајте, целиот систем е во фаза на набавка и поставување и најверојатно ќе профункционира од месец март или април следната година.