![Спортски ориентиран: Hyundai i20 N-Line / ФОТО+ВИДЕО](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2020/10/Hyundai-i20-N-Line-4.jpg)
Спортски ориентиран: Hyundai i20 N-Line / ФОТО+ВИДЕО
Адутот на Hyundai во Б сегментот е уште еден модел на оваа марка кој доби спортски ориентиран N-Line пакет на опрема
Хечбекот во N-Line издание, значително се разликува од стандардната варијанта. Пред се нов преден браник и различна решетка на ладилникот ако гледаме од напред. Промени има и во задниот дел од возилото, каде исто така е поставен различен браник, потоа дифузер кој вклучува триаголни светла за магла, а тука се и двојните овални краеви на издувната цевка. Hyundai i20 N-Line доаѓа со 17-инчни алуминиумски тркала.
Покрај специфичните бои наменети за овој хечбек, промените продолжуваат и во салонот. N спортски седишта со контрастни црвени шевови, потоа N волан, кожна облога на рачката од менувачот, алуминиумски педали… а тука се и црвените умотоци кои, дизајнерите на Hyundai ги вметнале на неколку места во внатрешноста.
Hyundai i20 N-Line во понудата има две единици. Атмосферски 1.2-литарски бензински мотор кој испорачува 84 КС и еднолитарски турбо со три цилиндри кој доаѓа во две конфигурации – 100 и 120 КС. Кај погонската единица од 100 КС опционално се нуди благ хибриден систем од 48 V, кој е стандард за помоќното издание.
Hyundai i20 N-Line во Европа ќе биде достапен од пролетта следната година.