Еден месец по лансирањето на новата Corsа во електрична варијанта, Opel ја претстави и новата генерација на компактниот хеџбек со конвенционални погонски единици

Сосема очекувано стандардната Corsa F изгледа исто како и Corsa-е, со тоа што основен погон е традиционалниот 1.2-литарски атмосферски бензинец со 75 КС, кој доаѓа исклучиво во комбинација со 5-брзински мануелен менувач.

Ако сакате поголема моќност, Opel нуди и два турбо агрегати со ист волумен во две варијанти – 100 КС со 205 Nm и 130 КС и 230 Nm. Послабата варијанта е поврзана со 6-брзински мануелен менувач или 8-брзински автоматик, додека помоќната верзија доаѓа само во комбинација со автоматски менувач. Најмоќната Corsa F до 100 km/h забрзува за 8,7 секунди, додека максималната брзина е 188 km/h.

Новата Corsa F подоцна ќе добие и дизел мотор и тоа 1.5-литарски турбо мотор со 102 КС и 250 Nm.

Како и кај електричната варијанта, така и стандардната ќе биде достапна со LED матрикс фарови кои ја имаат својата премиера во овој сегмент, а како дополнителна опрема достапни се и адаптибилни светла со осум LED елементи. Овие светла во тандем со камера со висока резолуција автоматски го прилагодуваат светлосниот сноп и обезбедуваат оптимална видливост.

Во најлесната верзија, Corsa F ќе тежи само 980 килограми, без возач. Новата Corsa F е долга 4,06 метри, додека покривната линија е спуштена за 48 милиметри, но без негативно влијание врз главата на патниците, вклучувајќи ги и оние на задната клупа. За разлика од Corse-е, патниците во новата Corsa F седат 28 mm поблиску до земјата.

Новата Opel Corsa ќе биде достапна со пакетите на опрема Edition, Elegance и GS Line, додека спортските верзии GSi и OPC ќе пристигнат подоцна.

Нарачките во Германија започнуваат од 1 јули.