Возачите на Pramac Ducati на подиумот, инцидент помеѓу Милер и Мир

Фабио Квартараро стигна до својата прва сезонска победа откако стартуваше дури од 9-та позиција. Освен младиот Французин, херои на денешната трка се и возачите на Pramac Ducati, Зарко и Мартин, кои повторно беа подобри од своите колеги од фабричкиот тим на Ducati.

„Судирот“ на најдобрите мотоциклисти на денешницата беше возбудлив од првиот момент. Херојот на вчерашните квалификации, Хорхе Мартин, ја искористи пол-позицијата и поведе пред Зарко, Алеиш Еспаргаро и Ринс, додека возачите на Yamaha останаа заглавени некаде на средина од пласманот.

Нивниот пробив на врвот следуваше во втората половина од трката, по голема борба со асовите од фабричкиот тим на Ducati.

Освен одличното возење на првите тројца, трката ја одбележа и „кавгата“ помеѓу Милер и Мир, која започна на 12 круга пред крајот, кога Шпанецот со агресивен маневар се проби покрај возачот на Ducati. Круг подоцна, Милер го сочека на правецот и се обиде да врати со „лактот“, што беше крајно опасно при брзина од над 200 km/h.

Судиите одлучија да не преземаат ништо против учесниците во инцидентот, но нема сомнение дека за ова многу ќе се зборува во наредните денови.

За тоа време, Квартараро мудро го изгради својот пат до челната позиција. Иако возачите на Pramac на правец се обидуваа да ја искористат моќта на своите мотори, младиот Французин направи мала, но доволна предност и прв ја мина целта.

Мартин и Зарко испишаа нови страници од историјата на MotoGP и Pramac Ducati. Хорхе Мартин  веќе го споредуваат со неговите славни сонародници Марк Маркез и Хорхе Лоренцо, а ова е исто така првпат од 1954 година двајца Французи да се најдат на подиумот.

Ринс и Вињалес, кои се изборија за место во Топ 5, не можат да бидат незадоволни од својата трка, а солидна трка извозе и Бастијанини, кој наоредуваше дури 8 позиции во однос на стартот.

Petronas Yamaha, пак, повторно помина низ вистинска агонија. Сега следи пауза од две недели, а дали ќе можат да откријат зошто не можат да им парираат на другите, ќе видиме на следната трка во Португалија.