Дизел автомобилите кои испуштаат премногу азотен оксид во атмосферата треба да бидат опремени со хардвер што ќе ја намали неговата емисија. Инсталацијата полека започнува. Производителите на хардвер очекуваат рекорден промет, пишува Deutsche Welle(DW)

На германските улици има околу пет милиони дизел автомобили кои го задоволуваат стандардот Еуро 5. Бидејќи нивната емисија на азотен оксид ги надминува граничните вредности, на сопствениците на овие автомобили во одделни градови и региони им се заканува забрана за возење.

Откако избувна дизел скандалот, производителите нејасно зборуваа за нивната подготвеност да го корегираат хардверот во нивните автомобили. Сега германскиот Федерален институт за моторни возила ги издаде првите дозволи за вакви интервенции.

Побарувачката расте. Само една од компаниите што прави системи за прочистување на издувните гасови, Twintec Baumot, има добиено скоро 14,000 нарачки за само неколку недели.

Уште пред неколку години, експертите на Baumot докажаа, на примерот на еден VW Passat, дека нивниот систем BNox ги намалува емисиите на азотен оксид далеку под границата за стандардот Еуро 5. Овие резултати ги потврди и најголемиот автомобилски клуб во Европа, германскиот ADAC.

Бидејќи Volkswagen доби дозвола од Сојузниот институт за моторни возила да го вклучи системот BNox во своите возила, илјадници сопственици на автомобили веќе го контактирале автомобилскиот концерн со соодветно барање.

Станува збор за систем кој веќе е успешно инсталиран во специјални возила и автобуси во различни држави.

„Кога успеавме да го разбереме потенцијалот на системот, го усовршивме и го прилагодивме за пазарот на приватни автомобили“, вели шефот на групата Baumot, Маркус Хаусер.

Хаусер проценува дека системот може да се инсталира во околу три милиони возила. Но, тој предупредува дека не секој треба да го инсталира системот во своето возило: 

„Претпоставуваме дека околу 40 проценти од возачите ќе го сторат тоа“.

Volkswagen изрази подготвеност да субвенционира по 3.000 евра за инсталирање на Bnox на сопствениците на дизел автомобили. Ова се однесува пред сè за оние кои живеат во големи индустриски области и региони, како и во големите градови.

Инсталирањето на системот чини вкупно 3.300 евра, така што сопствениците на автомобили ќе плаќаат „само“ 300 евра. Маркус Хаусер вели дека инвестицијата, сепак, додава вредност на автомобилот.

Во компанијата Baumot проценуваат дека Федералното биро за моторни возила наскоро ќе одобри инсталација на BNox и во автомобилите на Mercedes. 

„Очекуваме промет од околу 170 милиони евра во текот на следните три години“.

Веќе следната година тој промет би можел да достигне 30 милиони. Покрај Baumot, на пазарот има неколку други слични компании кои се фокусирани на BMW и Volvo.

Производителот на хардвер, меѓутоа не инсталира системи за прочистување – тие ќе бидат оставени на квалификувани работилници, посочува Хаусер. 

„Сакаме да се гарантира квалитетот“.

Затоа Baumot веќе се договорил со низа овластени сервиси на Volkswagen, а нови работилници постојано се приклучуваат.

Маркус Хаусер вели дека не постои начин да се предвиди кога би можело да заврши целата акција на менување на хардверот на возилата: 

„Тоа ќе зависи од брзината на самите работилници – но и од брзината на реакција на сопствениците на возила кои треба да одлучат да интервенираат“.

Има доволно нови системи на BNox и не треба да има страв дека ќе има недостаток. Ова е голема работа што е особено значајна за германските занаетчиски компании на кои забраната за дизелите би можела да придонесе за нивно затворање.

Baumot работи и на решенија прилагодени за возила од други производители.

Loading...