Со здружени сили: Hyundai и Rolls-Royce ќе произведат авион со горивни ќелии до 2025 година
Компаниите имаат намера да развијат целосно функционален прототип до 2025 година, а потоа технологијата да ја понудат на пазарот
Борбата против емисиите на CO2 и климатските промени јасно го определија развојот на автомобилите. Иднината и припаѓа на електричната енергија. Но, со другите транспортни средства, класичниот погон на батерии не е многу паметна, исплатлива и изводлива опција.
Ова е особено изразено кај авионите, кои се огромни загадувачи и произведувачи на стакленички гасови, кои би биле прилично неупотребливи поради тешките батерии, односно нивната носивост би била исклучително мала. Соларните авиони, исто така, немаат многу смисла во моментов, па некои производители се свртеа кон сосема поинаква еколошка технологија за авионите – горивни ќелии.
Hyundai Motor Group и Rolls-Royce Holdings (воздухопловната, а не автомобилска компанија) потпишаа писмо со намери за заеднички развој на одржливи погонски системи за авиони.
Компаниите ќе работат заедно за да развијат погонски системи за мали патнички беспилотни дронови. Системите треба да користат електричен погон, а електрична енергија би се добивала и од водородни горивни ќелии.
Компаниите имаат намера да развијат целосно функционален прототип до 2025 година, а потоа технологијата да ја понудат на пазарот. Употребата на горивни ќелии, како што тврдат овие две компании, овозможува електричен погон на авиони со низок шум и ниски емисии на штетни материи во комбинација со долг дострел.
Hyundai има доста искуство со производство и развој на горивни ќелии и заедно со Toyota е најдалеку од сите производители на автомобили во оваа област. Rolls Royce Holdings е еден од најголемите светски производители на млазни мотори за цивилни авиони, а произведува и напредна воена опрема.