Apple го претставува новиот iOS 14 во рамките на кој функционира и новата технологија, т.н. дигитален клуч

Оваа корисна функција им овозможува на сопствениците на паметни телефони и паметни часовници од Apple со нивна помош да го отклучат и да го стартуваат автомобилот. Системот користи NFC технологија и за сега е познато дека со допирање на екранот на телефонот ќе може да се отклучат одредени модели на автомобило, а кога уредот ќе се остави во преградата за ситни работи, истата технологија ќе овозможи да се стартува моторот.

Технологијата ќе ја има својата премиера оваа година, на некои модели на BMW. Од BMW откриваaт дека сопственикот на автомобилот ќе може да даде дозвола за користење на возилото на овој начин на максимум пет корисници. Исто така, сопственикот како администратор, ќе може да утврди со колкава моќност на моторот ќе може да располага секој од корисниците, а меѓу другото, ќе може да ја ограничи и максималната брзина или гласност на аудио системот.

Ако се прашувате што ќе се случи ако, на пример, iPhone се испразни или исклучи, работите се многу јасни. Дигиталниот клуч ќе продолжи да функционира уште пет часа. BMW најавува дека услугата дигитален клуч ќе им биде овозможена на клиентите чии автомобили ќе бидат произведени по 1 јули годинава, и тоа во 45 земји. Системот е компатибилен со новите iPhone уреди и Apple Watch Series 5 паметните чсовници.

Соработката меѓу двата гиганти не застанува тука, па најавуваат функцијата за изнаоѓање на оптимална рута за електрични возила. Функцијата ќе ги користи Apple Maps и ќе ja земе во предвид автономијата на возилото и распоредот на станиците за полнење. Премиерата на оваа технологија ќе биде на моделот i4.