По преставувањето на стандардната варијанта на моделот Ateca минатата недела, сега на ред дојде и верзијата со високи перформанси

Повеќето од визуелните промени се однесуваат на предниот дел од автомобилот. Cupra Ateca има нов браник, поинакви светла за магла, како и модифицирана форма на светлосните групи. Делумно пораснала и решетката на ладилникот во споредба со моделот пред споменатото освежување и сега повеќе личи на маската на ладилникот од моделот Formentor.

На задниот дел од автомобилот практично и нема промени, а слична е ситуацијата и во салонот каде сè е повеќе или помалку исто. Системот со двоен екран доминира во внатрешноста, едниот од 10,25 инчи за инструменталниот дисплеј, а другиот од 9,2 инчи дизајниран за контролира на инфо-забавниот систем.

Кога станува збор за вмрежувањето, практично сè е на располагање, од USB-C порти до Android Auto и Apple CarPlay системите.

Ако пак зборуваме за погонот, и тука немало промени. Cuprа Atecа сè уште се напојува со 2.0-литарски турбо бензински мотор кој испорачува 300 КС и 400 Nm. Енергијата се пренесува на сите тркала преку 7-степен автоматски менувач. Во однос на перформансите, спринтот до „стотка“ сè уште трае 4,9 секунди, додека најголемата брзина е 247 km/h.

Cupra Ateca досега се покажа како многу успешен модел за шпанската марка. Минатата година од овој моќен теренец се испорачани повеќе од 10.000 примероци. Перформантната варијанта на Cupra Ateca ќе остане да се произведува на истата локација како и порано, а тоа е во чешката фабрика во Квасини.

Шпанците истакнуваат дека освежената Cupra Ateca во салоните ќе пристигне во третиот квартал од оваа година.