Škoda подготвува електрична Octavia
Чешката марка е решена електрификацијата да ја спроведе и на остатокот од гамата
Кога станува збор за електричните модели на Škoda, досега акцентот беше ставен на SUV адутите, односно кросоверите. Челниците на производителот од Млада Болеслав посочуваат дека тоа во блиска иднина ќе се промени.
Octavia со години е еден од столбовите на продажбата на Škoda и сосема е логично марката во наредниот период да претстави EV издание, кое би било пандан на лифтбекот од C-сегментот.
Мартин Јан, шеф на одделот за маркетинг на Škoda, потврдува дека се планира електричен автомобил во компактната класа.
„Тоа ќе биде батериски пандан на Octavia и ќе претставува конзервативен пристап, а неговата цел е да ги привлече оние клиенти кои не се заинтересирани за SUV модели“, истакнува Јан.
Тој исто така ја остава отворена вратата и за потенцијална караванска верзија.
„Комби изданијата се голем успех за Škoda, а ние ја разгледуваме и таа опција“, заклучува Мартин Јан.