Škoda која е дел од групацијата Volkswagen, на претходниот Саем на автомобили во Женева, ја претстави својата визија за мал кросовер во концептна форма – моделот Vision X

Деновиве пристигна вест дека до Чешкиот институт за заштита на интелектуална сопственост, производителот поднел барање за заштита на името Kosmiq. Бидејќи веќе ја знаеме номенклатурата на имиња од палетата на кросовер модели на чешкиот бренд, кој во моментов вклучува поголем и помал модел – Kodiaq и Karoq, не е тешко да се претпостави дека новодојденецот Kosmiq ќе го засили SUV тимот на овој производител.

Своето место во гамата, Kosmiq ќе го заземе на ист начин како и близнаците, Seat Aronа односно Volkswagen T-Cross во нивните јата. Ова значи дека Kosmiq ќе претставува сериска верзија на претходно споменатиот концепт Vision X.

Од истиот извор доаѓа и најава за почеток на сериското производство на Kosmiq во месец јули со претходна премиера на претстојниот автомобилски саем во Женева. Ако се оди според планот, Kosmiq во европските продажни салони ќе се најде на почетокот од следната есен.

Покрај сето претходно кажано, ред е да се спомене еден убав јубилеј поврзан до чешкиот бренд. Деновиве, во погоните лоцирани во Млада Болеслав е произведена преносна единица MQ 200 со сериски број 7.000.000.

Во оваа фабрика, од 2000 година се произведува 6-степен рачен менувач кој наоѓа примена во бројни модели од групацијата Volkswagen. Škoda во текот на оваа и следната година планира модернизирање на постројката за производство на овој менувач за што се предвидени 65 милиони евра.