Škoda ќе има ново лице: На предната маска доаѓаат паметни екрани
Програмерите на Škoda работат на тоа LED осветлувањето да може да „преживее“ во тешки временски услови
Škoda моментално работи на нова технологија која треба да ги намали несреќите со нивните возила и пешаци. Новата безбедносна иновација се состои од серија LED ленти кои ќе ја заменат сегашната решетка.
Секој „екран“ нуди можност за создавање анимации и сигнали, а програмерите на Škoda работат на тоа LED осветлувањето да може да „преживее“ во тешки временски услови.
„Последниот чекор беше лесен дифузиски слој и покривка за да се осигура дека маската може да ги издржи најтешките временски услови за време на тестирањето“, објаснува Зденек Херда, специјалист за симулации и автоматско возење во техничкиот развој на Škoda.
Откако возилото ќе застане на пешачки премин, решетката ќе прикаже порака со сигнал до пешаците дека преминот е безбеден. Доколку постои причина зошто возачот не може да застане на пешачкиот премин, на LED решетката ќе се појави пораката „Внимание, не можам да застанам, не излегувајте на пешачки премин“.
Во моментов, програмерите тестираат кои симболи се најефективни кај пешаците.
Опциите вклучуваат зелени стрелки, зелена човечка силуета, предупредувачки триаголник и црвен триаголник со крст.
Системот се развива со експерти од Институтот за информатика, роботика и кибернетика при Чешкиот технички универзитет во Прага и од Техничкиот универзитет во Минхен.
Škoda планира да го заврши тестирањето до 2024 година.