Škoda Fabia дефинитивно без електрично издание
Чешката марка вели „НЕ“ за електрификација на својот адут во Б-сегментот
Новата итерација на Fabia беше неодамна преставена и веќе се зборува за потенцијални електрифицирани изданија. Сепак, првиот човек на производителот од Млада Болеслав – Томас Шефер, веднаш ги отфрли ваквите можности.
„Платформите MQB и MQB A0 се дизајнирани за возила со SUS мотори и одлично ја завршуваат таа работа. Обидот да се електрифицира овој вид архитектура е неблагодарна работа“, вели Шефер. Тој додава дека Fabia ќе биде билет за влез во светот на Škoda и дека како таков мора да има прифатлива цена.
„Голем број клиенти на Fabia се млади луѓе, за многумина тоа е нивниот прв автомобил. Затоа, таа мора да биде во ценовниот опсег што можат да си го дозволат, а додавањето компоненти заради електрификација е нешто што ја зголемува цената на целото возило“, вели извршниот директор на Škoda.
Значи, Škoda нема да го следи патот по кој се движат Peugeot и Opel, кои покрај конвенционалните варијанти на 208 и Corsa со SUS мотор, нудат и EV изданија на овие модели.
Чесите ќе почекаат некое време додека не понудат мал, електричен градски автомобил кој ќе ја користи платформата MEB Lite на групацијата VW, која ќе биде наменета токму за возила за употреба во услови на урбано возење.
Точно кога ќе пристигне тој модел од Škoda останува мистерија. Шефер потврди дека ќе биде на сцената до 2030 година и дека ќе има „браќа“ под покровителство на Volkswagen и Seat. Се верува дека ова електрично „дете“ ќе има батерија со капацитет од 45 kWh, а автономијата на движење со полна батерија треба да биде околу 250 километри.