Освежувањето на големиот адут на Škoda во класата на компактни теренци доаѓа во форма на благи оптички доработки, поефикасни мотори и понапредна технологија за безбедност и удобност

Откако Seat годинава ја освежи Arona, а Volkswagen моделот T-Roc, очекувано и Škoda, третата членка на групацијата VW, ја претстави редизајнираната верзија на својот модел во SUV C сегментот. Станува збор за моделот Karoq, кој за четири години е продаден во повеќе од половина милион примероци. Освежувањата доаѓаат во форма на благи оптички доработки, поефикасни мотори и понапредна технологија за безбедност и удобност.

Што се однесува до димензиите, освежениот Karoq со 4.390 mm е за само 8 mm подолг од својот претходник, додека меѓуоскиното растојание од 2.630 mm останува исто.

Еволуцијата во дизајнот значи дека препознатливите, двојни предни фарови сега можат да се добијат со LED Matrix технологија, додека другите промени на предниот дел вклучуваат нов браник со голем отвор за воздух под кој се наоѓа друг, малку помал, како и помасивна хексагонална решетка на ладилникот. Одзади сега се сместени редизајнираните светла во LED технологија додека нов дизајн добиле и бандажите во димензии од 17, 18 и 19 инчи.

Севкупно е подобрена и аеродинамиката (0,30 cd), благодарение на аеродинамичните облоги на бандажите, редизајнираниот под и спојлерот на покривот над задното стакло. Верзијата Sport Line е уште поатрактивна бидејќи се вози на тркала од 18 инчи (19 опционално со доплата), има поспортски браници и прагови, како и затемнети стакла.

Во кабината, Karoq доаѓа со стандардна 8-инчна дигитална инструмент табла, додека онаа од 10,25 инчи може да се добие опционално со доплата, а така е и со централниот екран на допир кој доаѓа во дијагонала до 9,2 инчи, во зависност од пакетот на опрема.

Новиот модуларен инфотејмент на VW Group доаѓа со eSIM, кој овозможува безжично ажурирање на мапите и софтверот со системи кои поддржуваат поврзување со Android Auto и Apple CarPlay, а сопствениците можат далечински да пристапат до нивниот Karoq преку апликацијата MyŠKODA. 

Освен технолошки, Škoda стилски ја рафинирала внатрешноста со нови украсни детали на таблата со инструменти и облогите на вратите, подобрено LED амбиентално осветлување и електрично управувани предни седишта со мемориска функција како и нов Eco пакет со тапацир од вегански, одржливи материјали како опција. Опремата Sport Line доаѓа со уметоци од „пиано лак“ и детали од имитација на карбон и спортски седишта со тапацир TermoFlux.

Што се однесува до безбедноста, обновениот Karoq е опремен со до девет воздушни перничиња и низа ADAS системи, вклучувајќи Park Assist, Trailer Assist, Crew Protect Assist, Area View и опционален Travel Assist кој вклучува пет до осум системи.

Стандардниот багажен простор е 521 литри, кои се зголемуваат на 1.630 литри со преклопување на задната клупа, а со опционалните VarioFlex седишта, багажникот има волумен од 588 литри или 1.810 литри кога ќе се отстрани задната клупа.

Палетата на мотори вклучува 1.0-литарски TSI со три цилиндри од 110 КС кој доаѓа исклучиво во комбинација со 6-брзински мануелен менувач и 1.5-литарски TSI со четири цилиндри од 150 КС кој е достапен и со 7-брзински DSG менувач со двојна спојка. Најмоќниот бензинец 2.0 TSI располага со 190 КС и доаѓа исклучиво во комбинација со DSG менувач и погон на сите тркала. Кога станува збор за дизелот, тука е познатиот 2.0 TDI мотор од 116 и 150 КС, а како опција се достапни DSG и погон 4х4. 

ФОТО ГАЛЕРИЈА

ŠKODA KAROQ STYLE

[useyourdrive dir=”1-Dtnt8Ch8eye22M3AvjsumX_cIghWjiQ” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

ŠKODA KAROQ SPORTLINE

[useyourdrive dir=”1T8EFYzwEESxjw3WIEY9MfmyDhtWeNdmi” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Сè на сè, Karoq претрпел сеопфатно „ажурирање“ кое сигурно ќе обезбеди негово понатамошно добро пласирање на пазарот и прифаќање од клиентите. Според најавите, продажбата треба да започне напролет.