
Škoda Citigo заминува во пензија
Компанијата во иднина сака да се фокусира на поголеми модели
Во чешката компанија одлучиле да стават крај на производството на својот најмал модел – Citigo, а наследник не е во план.
Моделот Citigo на автомобилската сцена се појави пред скоро една деценија, во 2011 година, како препакуван Volkswagen Up!, а друштвото го комплетираше Seat Mii.
Oна што е најинтересно во приказната е тоа што покрај моделот со конвенционален погон, во пензија ќе замине и електричната варијанта, Citigo iV, која започна да се прави пред само една година како најевтин електричен автомобил од VW групата.
Се чини донекаде и очекуван потег, но се шпекулираше дека чешкиот производител би можел да понуди наследник. Сепак тоа нема да се случи – барем додека Volkswagen не одлучи да прави повторно мал градски автомобил овојпат на електричен погон.
Патем, електричниот Citigo iV веќе е повлечен на некои големи европски пазари, како што се Германија и Франција, а сè уште се продава во Велика Британија и Шпанија. Погонот во Citigo iV е електромотор со моќност од 82 КС (61 kW) и 212 Nm, а забрзувањето од 0-100 km/h е 12,5 секунди. Моделот е опремен со батерија со капацитет од 36,8 kWh, што му овозможува да помине 225-274 километри со едно полнење, во зависност од стилот на возење и условите во сообраќајот.