Новиот извршен директор на групацијата Renault, Лука де Мео, во интервју за францускиот Le Point ги соопшти првите информации во врска со преструктуирањето на оваа компанија

Првата вест е дека ќе се формираат четири целини: Renault, Dacia, Alpine и бренд за нова мобилност кој сè уште нема официјално име. Секој од четирите брендови ќе има свој извршен директор, но секако се очекува огромна синергија помеѓу гореспоменатите брендови.

На лидерката позиција на Renault секако ќе биде Лука де Мео кој веќе најави големи промени во портфолиото на оваа марка, со фокус на сегментите каде има голем профит од секој продаден автомобил. Покрај тоа, се очекуваат значителни промени кога станува збор за стилот и дизајнот на возилата, така што Renault веќе е засилен со Жил Видал и Алехандро Месонеро-Романос, кои доаѓаат од редовите на Peugeot односно Seat.

„Renault мора да игра на картата на иновации. Можеме да бидеме олицетворение на нов бран во автомобилската индустрија“, вели новиот прв човек на францускиот производител во интервјуто за Le Point.

Според зворовите на Италијанецот, дизајнерскиот тим веќе работи на рестилизирање и освежување на некои модели од сегашната гама.

Што се однесува до Dacia, уште пред овие официјални информации се веруваше дека Лука де Мео е подготвен да даде поголем степен на автономија во управувањето со романската марка, па затоа веднаш по стапувањето на должност ги посети погоните на овој производител. Според него, Dacia останува нискобуџетен бренд и тука нема промени. На чело на романската компанија ќе биде Денис ле Вот.

Кога дознаа дека ќе има преструктуирање во групата Renault, француските медиуми порано или подоцна ја прогласија Alpine за „мртва марка“. Но, прагматичниот италијански менаџер гледа голем потенцијал за оваа марка, така што не само што ќе преживее, туку и ќе биде дел од групата задолжена за развој на перформантни модели. Покрај тоа, Де Мео суптилно го најавува зголемувањето на портфолиото на Alpine, а ако може да им се верува на гласините, следниот модел ќе биде со теренски карактеристики.

Интересно е што Alpine ќе му биде доверен на Сирил Абитбул, актуелен директор на Renault Sport Racing и шеф на Formula 1 тимот. Досега, Абитбул јавно не се поврзуваше со ниту една од позициите во групата, но се чини дека во основа тоа е завршена работа. Реорганизацијата на компанијата сигурно ќе влијае на Formula 1 тимот, па можно е дури и името на тимот да се промени. 

Новоформираниот субјект ќе биде задолжен за возилата на новата мобилност, за кој засега има малку информации. Познато е дека на чело на овој субјект ќе биде Клотилд Делбос, но не е јасно со што точно ќе се занимава. Некои велат дека неговиот фокус ќе биде насочен кон развој на електрични автомобили и технологија за автономно возење.

За АвтоВАЗ воопшто нема информации, односно кој ќе раководи со рускиот производител. Можно е оваа одговорност да падне на Dacia, бидејќи сепак е најблизу до нискобуџетната филозофија, но исто така е можно раководството да остане во рацете на Renault.