Баварците немаат намера да користат повеќе од една платформа

Идната архитектура, која германската марка ја нарекува New Class, или „нова класа“, ќе се создаде со цел да може да ги поддржува буквално сите видови на погони. Од класични SUS мотори, преку plug-in хибриди, сè до електрични модели. Интересно, се појави гласина дека BMW ќе овозможи „новата класа“ да биде основа и за возилата со горивни ќелии.

Оваа основа ќе дојде како замена за двете архитектури што во моментов ги користи BMW – UKL за помали автомобили (ја користи и Mini), како и CLAR на која се потпираат поголемите возила. Од самиот почеток, новата архитектура беше замислена како модуларна – односно да може да се прилагоди на широк спектар на погонски единици.

Од друга страна, сегашните платформи својот живот го започнаа како изданија за SUS возилата. Сепак, поради виша сила, BMW мораше да ја редизајнира CLAR архитектурата, така што сега може да се користи и за електричните автомобили.

„Новата класа“ ќе може да поддржува различни конфигурации на батерии и меѓуоскино растојание на EV моделите. Покрај тоа, генерално гледано, BMW планира да ја направи оваа платформа основа и за возилата со FWD и AWD и RWD.

Се разбира, главната цел на оваа архитектура е да се намалат трошоците за развој на нови модели. Сепак, идната платформа се очекува да биде претежно во употреба кај електричните автомобили. BMW има намера половина од испорачаните возила до 2030 година да бидат членови на EV сегментот.