Се зголемува отпорот кон забраната за бензин и дизел во 2035 година. Уште пет земји од ЕУ се против
Државите бараат транзициски период и ЕУ да ја земе во предвид различната финансиска состојба на граѓаните во различни земји-членки
Пет земји од Европската унија се против забраната за продажба на нови автомобили и лесни комерцијални возила на фосилни горива во 2035 година. Откако Германија рече дека нема да ја поддржи предложената забрана, сега кон неа се приклучуваат и Италија, Португалија, Бугарија, Романија и Словачка. Овие земји предложија пореално сценарио, намалување на емисиите на CO2 од возилата за 90 отсто до 2035 година и целосна забрана дури во 2040 година.
Овие држави, исто така, предлагаат поблаг третман за лесните комерцијални возила на фосилни горива. Според нивниот предлог, емисиите на CO2 треба да се намалат за 80 отсто до 2035 година и за 100 отсто до 2040 година.
Новата европска „фосилна коалиција“ смета дека целосната забрана на бензинците и дизелите бара транзициски период и дека ЕУ мора да ја земе во предвид различната финансиска состојба на граѓаните во различни земји-членки. Многу од нив не можат да си дозволат скапи електрични автомобили.
Иако Европската комисија пред неколку недели гласаше за забраната, таа се уште не е на сила бидејќи оваа одлука мора да биде потврдена од одделни земји-членки. 2035 година е избрана со цел постигнување нула емисии на CO2 во ЕУ до 2050 година. Имено, просечниот „животен век“ на еден автомобил е 15 години, па така до 2050 година ЕУ би била исчистена од повеќето автомобили на бензински и дизел погон.
Нормално ги има и оние кои се од другата страна. Така, Mercedes и Volkswagen неодамна објавија дека ја поддржуваат планираната забрана во 2035 година.