
Руската автомобилска индустрија во пауза: Volkswagen им нуди на вработените исплати за сами да си дадат отказ
Според достапните информации, шестмесечна плата би земале вработените кои ќе се согласат да ја напуштат компанијата пред 17 јуни
Руската автомобилска индустрија е на пауза од инвазијата на Украина на 24 февруари. Речиси сите големи производители ја напуштија земјата или го прекинаа локалниот бизнис, па и Volkswagen не се разликува. Германската компанија сега се обидува да ја намали финансиската штета на минимум во својот бизнис нудејќи им исплати на локалните вработени доколку се согласат доброволно да го напуштат Volkswagen.
Reuters објави дека производителот на автомобили преговара со својата работна сила во фабриката за автомобили во градот Нижни Новгород, нудејќи финансиски надомест и здравствено осигурување до крајот на годината. На околу 200 луѓе кои работат во фабриката им е понудена отштета откако Volkswagen во март годинава објави дека производството во Нижни Новгород ќе биде суспендирано до понатамошно известување.
Според достапните информации, шестмесечна плата би земале вработените кои ќе се согласат да ја напуштат компанијата пред 17 јуни. Volkswagen има два производни погони во Русија. Фабриката во Нижни Новгород не е во сопственост на VW, но има договор со локалниот производител на автомобили GAZ Group.
Во времето пред руската инвазија на Украина, групацијата Volkswagen во Нижни Новгород ги произведуваше Polo и Taos, како и Škoda Kodiaq, Karoq и Kamiq. VAG поседува и фабрика во градот Калуга каде што вработува околу 4.200 луѓе.
Volkswagen не е единствениот производител на автомобили кој се бори со својот бизнис во Русија. Renault мораше да го продаде својот контролен удел во AvtoVAZ, а фабриката со која претходно работеше сега е под контрола на Москва Сити. Исто така, постојат гласини за можно воскреснување на Москвич, поранешен производител на автомобили од советската ера.
Други компании кои ја прекинаа работата во Русија се Mitsubishi, Ford, Suzuki, Toyota, Honda, BMW и други. Повеќето од нив повеќе не произведуваат и не увезуваат автомобили во земјата поради западните санкции.