На овогодинешното издание на Меѓународниот саем за потрошувачка електроника (CES) во Лас Вегас, корејскиот производител Hyndai претставува футуристичко концепт возило кое може да одговори на сите предизвици на off-road возење

Таканаречениот „автомобил кој оди“ или официјално Elevate, како што Hyundai го опишува овој концепт, потсетува на возило кое може да се види во научно-фантастичните филмови. Првенствено е наменето како средство во спасувачки мисии по природни катастрофи кои зад себе оставаат урнатини (земјотреси, поплави, цунами …).

Концептот Elevate се состои од патнички простор и роботски екстензии, на чии краеви се наоѓа тркало. Ваков концепт на возачот на возилото му овозможува да го користи како регуларен автомобил, но, исто така, и со режимот „одење“ да поминува пречки кои се несовладливи за класичните теренски автомобили.

Погледнете го видеото:

Како што велат од Hyundai, концептот Elevate е во состојба да „прескокне“ ѕид/бариера со висина од 1,5 метри и да се премине преку ров / канал широк 1,5 метри. За сето тоа време, благодарение на четирите независни роботски екстензии, патничката кабина останува во целосно хоризонтална положба.

Концептот Elevate исто така може да најде примена и во мобилноста на лицата со инвалидитет кои живеат во објекти непристапни за регуларните патнички автомобили.

Возилото е со електричен погон и користи модуларна механичка платформа која може да носи разни надградби, во зависност од специфичните потреби и ситуации.

Концептот Elevate може да се вози и како било кој друг автомобил и при тоа да постигне просечна брзина типична за автопатиштата, а кога е во режим на одење, тогаш е во состојба да го симулира одот на рептилите и цицачите, објаснуваат од Hyundai.