Очекувано, по купе, претставена е новата 911 кабриолет верзија

Само неколку недели по дебито на новата итерација на Porsche 911 во Лос Анџелес, германската марка ја претстави и кабрио верзијата на легендарниот модел. Porsche не се откажал од традиционалниот мек покрив што го користеле овие модели од 1982 година. Покривот може да се затвори за само 12 секунди, до 60 км / ч.

Според вообичаениот рецепт, моделот без покрив ја презема технологијата и погонските агрегати од купе верзијата. Од генерацијата која е во заминување, Porsche 911 992 Cabriolet е поширок за 45 mm. Автомобилот е поставен на 20 инчни тркала напред односно 21 позади, со што изгледот на овој автомобил е уште поимпресивен.

Впечатливи се Matrix LED предните светла, како и LED лентата на задниот дел што се протега по целата ширина на автомобилот. Во салонот покрај луксузните материјали и врвната изработка, доминира големиот екран за контрола на инфозабавниот систем со дијагонала од 10,9 инчи.

Гермнскиот бренд значително го подобрил twin-turbo 3.0-литарскиот 6-цилиндерски мотор кој ќе биде погон за моделите со ознака Carrera. Кабриолет варијантата е резервирана за моделите Carrera S и Carrera 4S кои го користат истиот агрегат со 450 коњски сили. За неупатените, разликата помеѓу Carrera S и Carrera 4S е во тоа што оваа втората варијанта има погон на сите тркала.

Од Porsche наведуваат дека Carrera S без покрив до 100 km/h забрзува за 3,9 секунди, што е за две десетинки побавно од купе верзијата. На Carrera 4S Cabriolet до стотка и требаат 3.8 секунди, што повторно е за две десетинки полош резултат од купе изданието.