Рестилизација на логото на Volvo
Скоро и да е невозможно да не се забележи дека во последните две до три години, автомобилската индустрија како да ја зафати манија наречена рестилизација на компанискиот амблем. Симболите ги сменија Citroen, BMW, Peugoet, Nissan, Opel и многу други, за сега тоа да го направи и Volvo
Горе-долу, сите производители, освен еден, се откажаа од тридимензионалниот грб и го заменија со „рамна“, односно дводимензионална и (често) еднобојна графика, како што сега направил и скандинавско-кинескиот Volvo.
Генерално, стилот на амблемот на Volvo не е фундаментално променет во последните, повеќе од девет децении, што може да се заклучи од сликовитата хронологија. Дури и фонтот останувал непроменет. Меѓутоа, со текот на времето, се користеле се поедноставни решенија, за на крајот, овој амблем на Volvo да изгледа како да е нацртан од деца, што на многумина и ќе им се допадне.
Ќе забележите дека за прв пат во историјата, натписот Volvo на значката останал без своето поле во кое беше со децении, па останува да „виси во воздух“ во средината на кругот. Дури и линијата на кругот станала значително потенка, и конечно логото на скандинавскиот бренд изгледа „болно едноставно“, што е слика што во основа ја следи „студената скандинавска филозофија на животот“.
Новото лого на брендот веќе кружи, па можете да го видите на веб-страницата на компанијата и официјалната презентација на Volvo на социјалните мрежи. Сепак, сеуште има многу места каде што не е аплицирано. Следни на ред се дистрибутерите и нивните страници, а важно да се нагласи дека дводимензионалното лого ќе се користи само за интернет појавувања на марката, додека старата, „побогата“ верзија на значката останува на возилата. Тоа ќе важи најмалку до 2023 година.