Renault веќе не е во минус
Групацијата Renault оствари профит во првата половина од оваа година
Во текот на претходната, кризна година, оваа француска компанија забележа огромен дефицит, па годината ја заврши со „минус“ од дури осум милијарди евра! Но оваа година е нешто сосема поинаку. Во споредба со првата половина на 2020 година, Renault има зголемена продажба на автомобили од 18,7%, а приходите скокнале за 26,8% или 23,4 милијарди евра.
Сепак, со испорачани 1,42 милиони возила, компанијата е сè уште далеку од резултатите во 2019 година и времето пред короната. Покрај тоа, споредбата со тој период укажува на пад на продажбата од 24,2% и помали приходи за 16,7%.
Но, дури и ваквите резултати се подобри од очекуваните, сето тоа благодарение на прагматичниот и очигледно способниот Лука де Мео, кој го презеде кормилото на Renault во многу турбулентно време. Де Мео донесе нова стратегија, каде што повеќе не се фокусира на што е можно повеќе продадени автомобили, туку акцентот е ставен на големиот профит со секоја испорачана единица.
Французите минатата година објавија дека сакаат да заштедат 2 милијарди евра годишно до 2022 година, но тие веќе го достигнаа нивото на заштеда од 1,8 милијарди евра. Во текот на првата половина на 2021 година, групацијата Renault успеала да индексира профит од 365 милиони евра.
„Ова е само почеток на нашето закрепнување. Треба да го забрзаме доаѓањето на новите модели кои ги подготвуваме за пазарот“, вели Лука де Мео.
Групацијата Renault очекува сличен профит во втората половина од оваа година, за дефинитивно враќање на профитабилноста.