Како и многу други производители на автомобили, Renault бара начини да ги ублажи финансиските последици од пандемијата на коронавирус, а француската компанија за производство на автомобили која е дел од Алијансата во која се уште Nissan и Mitsubishi за неколку дена треба да објави неколку мерки за намалување на трошоците и излегување од кризата

По претходно најавената одлука за „пензионирање на моделите Espace, Talisman и Scenic, неофицијално се споменува дека Renault ќе ја затвори и фабриката во францускиот град Диепе во која се произведува спортското купе од подбрендот Alpine, моделот 110, а во која работат околу 400 работници.

И додека оптимистите се надеваат дека Alpine A110 ќе се произведува на друго место, има многу такви кои тврдат дека купе моделот по само три години од почетокот на производството ќе замине во историјата. Песимистите изворот за вакво размислување го темелат на неодамнешната изјава на г-ѓа Клотилд Делбос, која е прв човек во Renault од крајот на минатата година.

„Во неизбежното намалување на трошоците кое треба да спаси две милијарди евра нема простор за емоции и привилегирани модели, а производството на мали серии во сегашната ситуација нема многу логика“, изјави Делбос.

Судбината на Alpine A110 ќе биде позната на 28 мај.