Renault ќе укинува модели
Меѓу моделите кои сегашната генерација би можела да им биде последна, има и такви со децениски стаж
Според најновите извештаи, Renault ја разгледува економската оправданост за постоење на одредени модели од сегашната гама, така што во блиска иднина може да се укинат одредени модели со долга традиција, пренесува Reuters.
Како замена за овие автомобили, треба да пристигнат нови SUV / кросовер модели, за кои во моментов има поголем интерес кај клиентите.
Извор близок до компанијата наведува дека миниваните Scenic и Espace се меѓу кандидатите за „одстрел“, а можно е да им се придружи и лимузината Talisman.
Укинувањето на овие три модели, наводно, е дел од планот што треба да донесе заштеда за францускиот производител од 2 милијарди евра во следните три години.
Списокот на модели на кои исто така им се предвидува крај не е конечен, но трите споменати имиња се првите кои скоро сигурно нема да дочекаат следна генерација, тврди истиот извор.
Додека Talisman е релативно нов модел, а наследи два автомобили пред неколку години – Laguna и Latitude, Scenic и Espace се етаблирани MPV возила без кои понудата на модели на францускиот бренд е незамислива во последните три децении.
Името Scenic датира од 1996 година, а во моментов е актуелна четвртата генерација, додека Espace е во производство уште од 1984 година и досега се лансирани пет генерации.