Релито Дакар и официјално во Саудиска Арабија
Организаторите на најтешкото рели во светот, АЅО, официјално ја потврдија веста со што се става крај на јужноамериканската ера на релито, која започна во 2009 година, по преселбата од Африка
Според се што е познато, договорот со саудиските власти се однесува на период од пет години, што на АЅО му дава малку простор за оддишка во однос на финансиите. Колку за потсетување, оваа година АЅО мораше рутата на релито целосно да ја планира во Перу, откако Боливија и Чиле доцна се повлекоа, па релито Дакар, за прв пат се возеше само во една земја.
„Големо задоволство е да се има трка во вака фасцинантни предели кои се вистинското место за најпредизвикувачки рути“, вели Давид Кастера, директор на релито Дакар. „Можеме да избереме помеѓу различни варијации. Тркањето, навигацијата и надминување на себеси, очигледно ќе бидат подигнати на повисоко ниво на терените кои се чини како да се создадени за релито“.
Саудиска Арабија може да обезбеди 3,6 милиони квадратни километри пустина за релито.
Принцот Калид бин Султан Абдула Ал Фаисал, претседател на автомобилистичка федерација на Саудиска Арабија, додава:
„Јас отсекогаш сум сакал да учествувам на релито Дакар, а бидејќи никогаш не сум имал шанса да ја реализирам таа амбиција, сега сум вклучен во спроведувањето на уште поголем сон, а тоа е Дакар релито за прв пат да се вози на Блискиот Исток“.