Компанијата сама ја потврди оваа информација и им се извини на клиентите на веб-страницата на моделот за долгото чекање

Минатата година се „шпекулираше“ дека Toyota имала толку многу нарачки за новиот Land Cruiser што на испорака ќе се чека четири години поради огромниот интерес ширум светот.

Сега јапонскиот производител и сам ја потврди оваа информација и објави известување за извинување на веб-страницата на јапонскиот модел.

„Ви благодариме што го избравте нашето возило. Land Cruiser е многу добро прифатен во Јапонија и ширум светот, затоа искрено се извинуваме што ќе биде потребно долго време за да го испорачаме вашиот примерок од Land Cruiser по извршената нарачка. Искрено се извинуваме за тоа. Ако нарачате сега, времето на испорака може да биде до четири години. Ќе се потрудиме да го скратиме времето за испорака на нашите клиенти. Го цениме вашето разбирање по ова прашање“, се вели во соопштението.

За само неколку месеци од лансирањето на новиот Land Cruiser минатата година, Toyota објави дека побарувачката е толку голема што времето на чекање ќе биде околу една година.

Сега излегува дека овој рок бил премногу оптимистички, бидејќи очигледно во тоа време во равенката не го ставиле актуелниот проблем со недостигот на полупроводници и буквално распадот на синџирите на снабдување во автомобилската индустрија.

Згора на сè, новиот Land Cruiser воопшто не се нуди на половина од светските пазари: во САД и Европа во продажба е сеуште сегашниот модел, за разлика од земјите како Јапонија, Русија, Австралија или Блискиот Исток, каде што е во понуда веќе неколку месеци…