Тимот од Австрија започна преговори со Honda и има време до 15 мај да постигне договор

Изминатиот викенд за време на трката за Големата награда на Азербејџан се одржа средба помеѓу Хелмут Марк и Масаши Jамамото. Резултатот од овој состанок е се поизвесен прекин на соработката помеѓу Red Bull и Renault и транзиција кон моторите на Honda. Јапонскиот производител има ветувачки почеток на сезоната од соработка со тимот на Toro Rosso. Пјер Гасли успеа да стигне до четвртото место на трката во Бахреин, што е најдобар резултат за болид со мотор на Honda, откако овој производител се врати во Formula 1.

Јамамото кој ја потврди првата официјална средба помеѓу Red Bull и Honda вели:

„Бидејќи ова е прва средба, разговаравме за условите кои ги имаат двете страни, за тоа што очекуваме едни од други. Ова беше позитивен состанок. Веруваме дека двете страни се задоволни. Има добри односи меѓу нас. Сепак, ова е прв официјален состанок. Сето ова е почетна точка за потенцијална идна соработка“.

Red Bull и Honda ќе имаат само околу две недели да ги завршат преговорите, бидејќи според правилата на FIA, на 15 мај, сите добавувачи на погонски агрегати мора да наведат кои тимови следната сезона ќе купуваат од нив. Јамамото дополнува дека овој договор би можел да се склучи само на две години (до 2021 година) со цел да се совпадне со постоечкиот договор со Toro Rosso.

Red Bull до понатаму продолжува да ги користи моторите на Renault со кои има освоено четири последователни титули (2010-2013 година), но откако започна хибридната ера, Renault не е конкурентен со моќта на агрегатите на Mercedes и Ferrari. Од 2014 година, Red Bull има победено само на девет трки.

„Во овој момент перформансите на моторите на Renault се солидни, а тие работат напорно и се обидуваат да претстават што повеќе унапредувања“, вели Кристијан Хорнер и додава: „Сепак, за прв пат во речиси 10 години дојдовме до ситуација кога имаме избор. Мислиме дека, барем досега во тековната сезона, Honda направи добра работа. Со интерес го следиме нивниот развој“.

За многумина овој потег на Red Bull е очекуван. Намерата на Хелмут Марк беше сосема јасна со потпишување на договорот за соработка со Toro Rosso. Уште на предсезонските тестови беше воочливо дека Honda добро го развива својот мотор сега кога нема ограничувања како во McLaren. Со овој потег, Red Bull всушност ќе стане фабрички тим на Honda или токму она што го сакаше McLaren, но го попречуваше со своите ставови. Honda сигурно ќе го развие овој мотор на задоволително ниво, а со шасијата на Red Bull, која патем секогаш била одлична, ако не и најдобра, воопшто нема да биде изненадување Red Bull да ги стигне, ако не и престигне Mercedes и Ferrari.