Според новинарот на британскиот канал SkySports, Red Bull наскоро ќе потврди дека Серхио Перез ќе му се приклучи на Верстапен во тимот за следната година.

За судбината на Александар Албон се шпекулира подолго време, а конечната одлука се очекува во наредните денови. Во меѓувреме новинарот на телевизијата SkySports, Тед Кравиц, прошири информација дека работата е веќе завршена и дека Тајланѓанецот ќе биде заменет со Серхио Перез во тимот од следната година.

„Очекуваме потврда, можеби веќе следната недела, дека Перез ќе се приклучи на тимот, додека Албон ќе биде резервен возач“, изјави Кравиц во своето шоу по трката во Абу Даби. „Се чини дека Кристијан Хорнер и Хелмут Марко успеале да го убедат Дитрих Матешиц да го донесе Перез, иако сопственикот на Red Bull има доверба во Албон. Изгледа немаат што да изгубат. Тие можат да потпишат со Перез на една година и да видат како ќе се одвива соработката. Ако се покаже дека тие не можат да го постигнат она што го сакаат, тие го имаат Албон како резерва. Сè укажува на тоа дека Перез доаѓа за сезоната 2021“, додава Кравиц.