Кими Раиконен (Alfa Romeo Racing)

„Многу подобар ден од вчерашниот. По слабите квалификации успеавме да освоиме неколку бодови. Болидот беше добар, многу управлив, но пред крајот на трката ја изгубив температурата во гумите, па не можев да напредувам уште една позиција. А бев и побрз и можев да завршам погоре во пласманот“, изјави Финецот по трката.

Карлос Саинц (McLaren)

Во првиот круг на трката во Кина, возачите на McLaren едноставно ги „собра“ несреќниот Даниил Квјат. По инцидентот, Карлос Саинц и Ландо Норис паднаа на опашката од поредокот, а Саинц тврди дека возачот на Toro Rosso морал да биде повнимателен во текот на трката. Квјат заслужено доби drive-through казна, а на крајот и остана без пласман.

„Сите се тркавме во шестиот свиок. Можеме да кажеме дека на некој не му се допадна фактот дека возиме рамо до рамо, па одлучи да ги земе работите во свои раце“, изјави Саинц. „Јас не барам повеќе казни, туку повеќе концентрација. Трката во Шангај е многу долга, има и места и време за престигнување. Албон заврши во бодови, а започна од боксот. Треба да бидете трпеливи во вакви трки“.

Ландо Норис (McLaren)

„Навистина штета што Квјат ги исфрли двата болида на McLaren oд битката за бодови. Никогаш не е добро да имате судир. Мислам дека е фрустрирачки за Квјат што со еден удар исфрли двајца возачи“, изјави Норис по трката.

Себастијан Фетел

Возачот на Ferrari, Себастијан Фетел, ја заврши денешната Голема награда на Кина на третото место. Во малку досадна трка, може да се ситуацијата во која Мак Верстапен се обиде да го помине Германецот, но овој успешно ги блокираше нападите.

„Го видов како ми се приближува, а разликата во брзината беше прилично голема. Знаев дека Макс ќе се обиде. Некако предвидов дека ќе оди одвнатре, па го смалив аголот, што на крајот и се покажа како успешно. Морав малку да се отворам, но се излезе добро“.

На крајот од трката, Фетел зад победникот Хамилтон заврши со 13 секунди заостанување, кој сега во генералниот пласман му „бега“ за 31 бод.

„Среќен сум што сум на подиумот, но тешко е затоа што се обидовме да ги следиме, а не можевме. Од почетокот тие беа премногу брзи. Малку се тркав со Макс, беше забавно, но целта беше да се фати Mercedes. Денес тие беа премногу брзи, па затоа им честитам на Луис и Валтер“, додаде Фетел.

Валтери Ботас

На почетокот од трката во Кина, Валтери Ботас ја загуби пол позицијата од Луис Хамилтон, кој на крајот победи, а за тоа ја обвинува белата линија на патеката.

„Искрено, мислам дека ја загубив победата веќе во првиот круг. Болидот беше во ред и нашето темпо беше слично. Не можев да го гледам Хамилтон во валканиот воздух“, изјави Финецот. „Штета за стартот. Ја изгубив контролата веднаш штом поминав преку белата линија кој е веднаш пред моето место на гридот“.

Иако разочаран од второто место, Ботас вели дека е одлично што Mercedes повторно дојде до 1-2 победа.

„Се уште сезоната е во фаза. Досега се изгледа добро. Навистина сум горд на тоа, направивме три совршени викенди“, дополни Финецот.

Луис Хамилтон

Победникот на трката се согласува со Ботас.

„На почетокот се стекнав со предност, а остатокот ви е добро познат на сите. Фантастичен резултат за тимот, сите работеа толку напорно. Дојдовме тука и не знаевме дали ќе бидеме подобри од Ferrari. Почетокот на викендот и не носеше надеж за ваков резултат“, изјави Хамилтон.

„Се испостави дека бевме побрзи. Валтери, исто така, имаше одличен викенд, постојано беше брз. Имаше и добра стратегија, како и во првите две трки. Сè на сè, да остварите 1-2 победа на ваков јубилеј е големо достигнување. Сепак, се уште мислам дека ќе имаме блиска борба со Ferrari на претстојните трки. Едвај ја чекам следната трка“, дополни Хамилтон.