Лимитираната серија Fifty доаѓа во тираж од 1970 единици

Тешко е да се поверува, но еден од најпопуларните SUV модели на планетата, Range Rover, се појави пред 50 години. По повод годишнината, компанијата Jaguar Land Rover лансира ограничена верзија на автомобилот, кој ќе биде пуштен во серија од 1970 единици, според годината на лансирање на моделот.

Новата верзија е наречена Fifty (50) и ќе биде достапна во 4 стандардни бои – Carpathian Grey, Rosello Red, Aruba и Santorini Black, како и три „историски“ нијанси кои се копија на оние од оригиналниот Range Rover – Tuscan Blue, Bahama Gold и Davos White.

Некои елементи од каросеријата се обоени во бледо-златна боја Auric Atlas, а моделот и на каросеријата и во салонот ќе има амблеми и натписи Fifty со фонт развиен лично од главниот дизајнер на компанијата Џери МекГавер. Покрај тоа, Range Rover Fifty ќе биде достапен со две варијанти на тркала од 22 инчи, а нивото на опрема ќе биде она највисокото за моделот – Autobiography.

Верзијата Fifty ќе биде достапна со стандардните мотори од Range Rover – 4.4-литарски дизел, 5.0-литарски бензинец и хибридниот P400e. Ќе бидат достапни и две варијанти за шасијата – нормална и продолжена.