Работниците на Fiat во штрајк поради Роналдо
Италијански синдикат објави дека работниците на Fiat од фабриката во Мелфи на југот од Италија ќе започнат штрајк поради трансферот на Кристијано Роналдо во Јувентус вреден 105 милиони евра
Се смета дека дел од сумата ќе биде платена преку спонзорство од матичната компанија Exor на Јувентус, која е сопственик и на FIAT и Ferrar, што предизвикува бесна реакција од синдикатот (Unione Sindacale di Base).
„Неприфатливо е додека работниците на FCA и CNHI продолжуваат да прават огромни економски жртви, компанијата да троши стотици милиони евра за купување на еден играч“, се вели во соопштението.
„Кажано ни е дека времињата се тешки, дека треба да се потпреме кон мрежите за социјална сигурност, и да почекаме до лансирањето на нови модели, кои никако да пристигнат. И додека работниците и нивните семејства сè повеќе и повеќе ги затегнуваат ремените, компанијата одлучува да инвестира многу пари на еден човечки ресурс!
Дали е ова фер? Нормално ли е едно лице да заработува милиони, а илјадници семејства да неможат да преживеат до средината на месецот? Ние сме сите вработени од сопственик, но оваа разлика во третманот не може и не смее да биде прифатена.
Работниците на Fiat го направија богатството на компанијата за најмалку три генерации, но за возврат тие добија само мизерен живот. Компанијата треба да инвестира во нови модели на автомобили кои гарантираат иднина за илјадници луѓе, наместо да збогатуваат само еден.
Тоа треба да биде вистинската цел на компанија која прво ги става интересите на своите вработени. Ако тоа не е така, тоа е затоа што тие го претпочитаат светот на фудбалот, забавата и сè друго.
Поради причините опишани погоре, Unione Sindacale di Base прогласува штрајк во FCA Melfi помеѓу 22 часот во неделата на 15 јули до 18 часот во вторник на 17 јули“.