Прекинот на производството во Tesla треба да го искористат за да поработат на подобрување на квалитетот на производите

Испораките на првите примероци на компактниот SUV Тesla Model Y се следат под лупа. Освен фактот дека моделот донесува технолошки иновации, тој треба да биде првиот модел создаден без поголеми проблеми при стартот на производството и продажбата. По успешниот Model 3, овој модел лесно може да стане уште попопуларен и да обезбеди помирна иднина за производителот на електрични автомобили.

Дефинитивно, Model Y носи напредок во многу области, па така овој модел на Tesla е првиот со топлинска пумпа што донесува значителна заштеда на енергија. Нормално, по толку произведени возила, секој очекува дека заштитата на површината е подобра, но судејќи според овој пример, на Tesla ќе и треба уште некое време за да ги доведе работите така како што треба

YouTube каналот Chicago Auto Pros објави видео во кое се прикажува неодамна доставен автомобил. Веќе на лимот и на некои детали јасно се гледа дека она вистинското, клиентите ќе го добијат дури откако производството ќе почне да се одвива континуирано.

Во ова видео е даден само визуелен впечаток, без потребни мерења кои би ги потврдиле недостатоците. Површината на лимот е оштетена на некои места, а има и видливи остатоци од нечистотии како последица од несоодветна подготовка на површината пред да биде офарбана. Сепак, главниот проблем се празнините помеѓу одделни делови, далеку поголеми отколку што се очекува од оваа класа на автомобили. Недостатоци има и во внатрешноста, а сите детали ќе бидат прикажани преку серија на видеа кои ќе следат на истиот канал.